Скопје
Скопје — главниот и најголемиот град во Македонија, кој воедно претставува административно-политички, стопански, културен и образовно-научен центар. Се наоѓа во средишниот дел на Балканскиот Полуостров распространет на бреговите на реката Вардар.
Скопски земјотрес од 1963 година — природна катастрофа која го зафатила градот Скопје. Земјотресот се случил на 26 јули 1963 година во 5:17 часот. Како резултат на земјотресот, од 1000 до 1100 жители ги загубиле животите, а најмалку 3000 лица биле повредени. Бројот на лицата без дом бил 200.000. Земјотресот од 1963 е еден од најкатастрофалните природни непогоди во Скопје и Македонија.
Скопје се наоѓа на 21° 26' источна географска должина и 42° северна географска ширина. Надморската височина во центарот на градот изнесува 240 m. Се простира на 1818 км² во широчина 9 км (Водно-Радишани) и во должина 23 км. (Драчево - Ѓорче Петров). Градското подрачје зафаќа површина од 225 км².
Климата во Скопје ја карактеризира средна годишна температура од околу 12,4 °C. Летата се долги суви и жешки, а зимите ладни со многу магловити денови.
Низ скопската котлина протекуваат реката Вардар со своите притоки: Треска, Пчиња, Маркова Река, Лепенец и Кадина Река. Скопската котлина ја опкружуваат планините: Водно, Караџица, Осој, Жеден и Скопска Црна Гора.
Во градот Скопје има 10 општини: Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари. Според бројот на жители, најголема општина е Аеродром со 98.382 жители, а најмала е Шуто Оризари со 20.800 жители. Според површината, најголема општина во градот Скопје е Сарај со 229 км², а најмала е Чаир со км² 3,5.
Според новата територијална организација (припојување на општините Сарај и Кондово) градот Скопје има 668.518 жители (66,75%Македонци) меѓутоа околу 15% од тоа претставува селско население поради големиот број на села во составот на Општина Сарај.
Од гледна точка на демографските движења на населението Скопје има позитивна популациона слика. Населението на градот постојано се зголемува пред сè поради големиот број доселувања (најчесто од градовите и селата од внатрешноста на Македонија) и поради наталитетот.
Мора да се спомене дека како и во целата земја и во Скопје бројот на раѓањата (наталитетот) драстично опаѓа меѓутоа како најголем и најразвиен град во државата стапката на раѓање сепак е највисока. Доселувањата во Скопје се во постојан подем и континуитет од крајот на Втората светска војна. Луѓето денес во Скопје пред сè се доселуваат поради стопанско-економски причини или поради продолжување на своето образование. Светец заштитник на градот Скопје е Св. Богородица.